ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кнаус: Целиот регион ќе страда ако Северна Македонија биде блокирана за ЕУ

Република Северна Македонија е единствената земја за која Европската комисија е категорична дека може да започне преговори. Ако земјата за која ЕУ верува дека е најдобро подготвена да го започне преговарачкиот процес повторно е блокирана поради билатерални проблеми, тогаш целиот регион ќе страда, оценува политичкиот аналитичар и основач на Европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус.

– Колку е опасно кога политичарите во регионот ќе престанат да веруваат во европската перспектива може да се види на друго место, источно од ЕУ, каде се водат војни и каде националистите тврдат дека ЕУ е „фата моргана“, вели Канус во интервју за Бугарското национално радио.

Кнаус нагласува дека ако Бугарија инсистира Република Северна Македонија да го прифати бугарското толкување на историјата во последните 100-150 години, треба да знае дека тоа е „изгубена работа“. А, ако тоа навистина стане услов за почеток на преговори, тогаш нема да има преговори.

Според него, владата во Скопје има само една опција – и покрај блокадата, да продолжи со реформите, да продолжи со соработката со ЕУ за да се приближи до членството. Во спротивно, земјата ќе западне во политичка безнадежност.

– Бугарија нема да добие ништо друго освен непотребна напнатост со соседот и недоразбирање од страна на европските партнери. Нема победници во овој спор. Нема македонска влада што признава дека идентитетот на нејзиниот народ е комунистичка измислица, истакнува Кнаус.

За тоа дали Германија како претседавач со ЕУ и најмоќна земја во ЕУ, може да помогне да се решат отворените историски прашања, тој смета дека Берлин е од помош, но не со притисоци.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button