Кочоска: ВМРО-ДПМНЕ против евентуална одлука за покачување на даноците

ВМРО-ДПМНЕ остро ќе се спротивстави во случај власта да донесе одлука за зголемување на даноците, односно прогресивно оданочување, рече во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат претставничката на опозициската партија, Гордана Димитриеска Кочоска. Во нејзиното образложение таа наведе дека побогатите луѓе во државава не би можело да подлегнат на такво оданочување бидејќи сиот имот, којшто го поседуваат е заведен на име на компаниите, а не на нивно лично име.
„Со прогресивното оданочување ние правиме проблем на бизнисот. Прогресивното оданочување ќе значи дека оние со повисока плата треба да бидат дополнително оданочени. Или фирмата ќе го плати тоа, или на тие луѓе ќе треба да им се намалат платите, односно еден дел да оди на тој прогресивен данок. Ако фирмите имаат дополнително оптоварување од овој прогресивен данок, тие ќе треба да ги рационализираат трошоците и ќе посегнат кон отпуштање“, рече Димитриеска Кочоска.