ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Комуналните долгови и натаму ќе може да имаат многу висока камата

Владејачкото мнозинство предводено од СДСМ не успеа да ги склопи, додаде и достави до Собранието навреме новите најавени измени на Законот за облигациони односи. Тоа значи дека од први октомври на сила останува законското решение со кое висината на каматата нема да може да го надмине износот на долгот, но само кај договорните казнени камати. По реакциите во јавноста зошто Законот нема да важи и за законски казнените камати пратениците на СДСМ решија да ја поправат грешката, но сега тоа може да го сторат по локалните избори, бидејќи Собранието до тогаш нема да работи. Првичните реакции на експертите беа дека вака како што е скроен новиот закон во делот на каматите, може негативно да се одрази врз работата на банкарскиот сектор. Но, по неколку дена чекање на одговор, од банкарската асоцијација за Алсат соопштија дека каков и да е Законот, тие ќе го почитуваат.

„Банките членки на Македонската банкарска асоцијација секогаш работат во согласност со законите и позитивните законски прописи. По измените на Законот за облигациони односи, банките секако ќе го усогласат целокупното свое работење со новата законска регулатива“, рекоа од Македонската банкарска асоцијација.

Извршителите пак соопштија дека и понатаму нормално ќе си тече каматата на долговите на комуналните сметки и ќе може да биде поголема од главницата. Според нив, од измените на Законот највеќе ќе добијат компаниите кои склучуваат меѓусебните должничко – доверителски односи.

„Банката мора за три месеци да почне со присилна наплата, а во тој момент доспеаната договорна казнена камата е капитализирана и се поднесува како втор или трет главен долг и таа може да тече најмногу три до четири месеци. И таа може да тече три до четири месеци, ако годишно е петнаесетина отсто таа камата за неколку месеци ќе биде три-четири отсто што значи никако не може да го достигне главниот долг“, вели Гордан Станковиќ, извршител.

Најгласни во реакциите за ова законско решение беа граѓанските активисти кои сметаат дека доколку Законот не важи и за сметките кои граѓаните најчесто ги плаќаат односно оние за вода, струја, парно, телекомуникациски услуги тогаш од новиот закон граѓаните нема да видат никакво фајде. Експертите посочуваат граѓаните да продолжат со навремено плаќање на сметките за домување, за да не се повторат случаите каде за минимален долг извршителите имаат побарувања и од неколку стотици евра.

Иле Петревс

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button