ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Контрадикторности околу присуството на роднини на хоспитализирани во КОВИД болниците

Членовите на семејствата со недели се грижеле за своите роднини заразени со корона вирус кои беа хоспитализирани во опожарената болница во Тетово. Според нив, управата на болницата го дозволувала тоа. Образложението било дека бројот на медицински персонал бил мал во споредба со бројот на пациенти. Покрај изјавите на членови на семејствата дека им било дозволувано да остануваат во модуларната болница, тоа дополнително се потврдува и со фактот дека меѓу жртвите има двајца кои не биле пациенти, туку роднини на хоспитализирани пациенти.

-Го видов 4-5 пати докторот затоа што ја придружував мајка ми, а имавме и доктор во собата во модуларната болница.

Колку долго се грижиш за мајка ти?
-Три недели.

Зошто се грижите вие? Дали ви дозволуваат да останете внатре со пациентите заразени со ковид?
-Мора, бидејќи нема медицински персонал. Има многу малку, двајца лекари, две медицински сестри на три ката, не се ни тие виновни.

Но, во рок од 24 часа властите дадоа сосема контрадикторни изјави за ова. Портпаролката на ковид центарот во Тетово, Миранда Пајазити, категорично негираше дека на членови на семејствата на хоспитализирани им било дозволувано да останат внатре.

„Не дозволуваме надворешни придружници. Имаме доволно медицински персонал. Сите се мобилизирани. Сите лекари, медицински сестри. Тие се во многу голем број и сите се грижат за хоспитализираните. Секој ја добива потребната помош“, рече Миранда Пајазити, Портпарол на ковид центарот-Тетово.

За истото прашање, министерот за здравство Венко Филипче, даде различни одговори.

Денеска пак, координаторот на ковид-центарот во Тетово, Гезим Нуредини, рече дека членовите на семејствата за кои се зборува можеби биле вработени во ковид-центарот, но кои излегле од работно време за да ги посетат своите роднини.

„Побаравме информации кои се тие роднини, доколку биле, да ни дадат име и презиме, кој бил кај тие роднини и дали се вработени. Дали биле во работно време или биле само во посета? Законски не е дозволено да се посетуваат членови на семејствата“, рече Нуредини.

Иако, кога четвртиот бран на пандемијата почна да ги полни болниците во Тетово и Гостивар, почнаа и апели двата града да бидат ставени во карантин, министерот Филипче тогаш одговори дека такво нешто не е потребно. Институциите биле подготвени, но болниците во Тетово и Гостивар се жалеа дека немаат доволно персонал.

„Од Медицинскиот персонал нема многу заразени, но проблем број еден е недостигот на персонал, среден кадар и повисок кадар. Еве, јас и две медицински сестри сме 24 часа, така што тоа е нешто што не може да се опише и не може да се дозволи“, рече Лирим Беќири- Инфективно одделение-Гостивар.

Недостигот на персонал се чини ги натерало самите лекари да им дозволуваат на роднини на хоспитализирани лица со корона вирус да бидат присутни во ковид-болницата. Тоа ги крши сите протоколи што самите здравствени институции ги составија, па и за тоа е најавена истрага од надлежните институции.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button