ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

КОРИДОР 8/ Многу врева, малку работа

КОРИДОР 8/ Многу врева, малку работа

Голема врева а малку работа на терен е реалноста една година по поставувањето на камен-темелниците на Коридорот 8 и 10д. Машините на американско-турскиот конзорциум „Бехтел&Енка“ можат да се забележат на некои точки од новата автопатска делница.

Но, од јавното претпријатие „Државни патишта“ велат дека подготвителните работи се вршат според проектите. Најавуваат дека ги завршиле геомеханичките испитувања, целосен увид на трасата по која ќе се гради патот, заедно со геодетските работи. Од специјалната канцеларија за овој проект соопштија дека се постигнати договори со сите јавни претпријатија кои имаат свои мрежи и инсталации во таа област и воспоставена е соработка за планирање и извршување на сите потребни распоредувања.

„Експропријацијата на земјиштето се врши според процедурите предвидени со законот одобрен за конзорциумот „Бехтел&Енка“ за изградба на автопатските сегменти од Коридорите 8 и 10. Работиме на промените направени на локациите на камповите и базите на изведувачот со цел да се избегне преземање на земјиште од приватни сопственици. Урбанистичкиот план е одобрен за целата траса на автопатот Тетово-Гостивар и за локалниот регионален пат“, велат од Јавно претпријатие Државни патишта.

Работите на терен за изградба на коридорите 8 и 10д треба да започнат со патот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 km со период на реализација 33 месеци; потоа Гостивар-Букојчани – 30,3 km, со период на реализација од 57 месеци; потоа се очекува сегментот Требениште-Струга-Ќафасан 21,7 km, со период на реализација од 49 месеци. За Коридорот 10-Д за патот од Прилеп-Битола во должина од 39,3 километри е предвиден период на реализација од 57 месеци. Приближно, секој километар автопат ќе чини 15 милиони евра.

„Темелите на надвозникот се поставени и веќе се складираат насипните материјали на неколку локации во близина на патеката за да бидат подготвени за поставување. Сите активности покажуваат дека почетокот на градежните работи е многу блиску и дека сите направени подготвителни работи ќе овозможат вистинска градежна офанзива при завршувањето на автопатот Тетово-Гостивар од Коридорот 8. Врз основа на Склучениот Договор за изградба на патните оски Тетово – Гостивар-Букојчани и Требениште-Струга-Ќафасан и Коридорот 10-д на автопатот Прилеп-Битола досега се исплатени средства во износ од 216 милиони евра“, велат од Јавно претпријатие Државни патишта.

Проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д се очекува да чини 1,3 милијарди евра, без сумата што ќе исплати за експропријација на земјиштето за што се предвидени уште 300 милиони евра. Дополнителни 22 милиони евра ќе добие компанијата ИРД за надзор над изведувањето на работите. Динамиката на работите треба да биде 23 километри секоја година, со што за 57 месеци ќе се издвојуваат средства од 5 буџети за 110 километри автопат, кој дотогаш се очекува да биде меѓу најскапите во регионот./Алсат.мк

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button