РЕГИОН

Косово ја обвини Србија за заплашување на гласачите

Косово ја обвини Србија за заплашување на гласачите

Раководителите на косовските институции ја обвинија Србија дека ги бојкотирала локалните избори во четирите општини населени со Срби, акција која, според претседателката Вјоса Османи е против духот на Охридскиот договор за нормализација на односите меѓу двете држави.
На овој пристап на Србија мора да се спротивстави целиот демократски свет, бидејќи претставува и незаконско мешање однадвор, акт кој се казнува со низа меѓународни правни акти, рече Османи.

Advertisements

Премиерот Албин Курти рече дека Белград со „заплашување и уцена“ ги спречил Србите да гласаат, но и покрај тоа, законите и Уставот ќе се спроведуваат на северот. Курти им даде целосен легитимитет на избраните градоначалници.

„Дивата кампања на официјален Белград, која исто така беше извршена од криминални елементи на северот на Косово, очигледно беше кампања за уцена и заплашување што резултираше со слаб одѕив на граѓаните. Жал ми е што одредени партии таму повикаа на бојкот, но всушност повикот не е нивен, туку на Белград. Секој треба да има на ум дека уставноста и законитоста на Косово гарантираат слобода и права, но во исто време носат и одговорности и обврски“, рече Албин Курти, премиер на Косово.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека локалните избори вчера покажале тектонски промени. Според него, вчера Србите покажале дека бараат сосема поинаков пристап, пред сè од меѓународната заедница.

„Прво, изборите на 23 април се изборен дебакл за Курти и КВИНТ. Второ, ова е историски резултат бидејќи никогаш не се случило на европско тло. Трето, ова го покажа големото единство на српскиот народ, дисциплината и одговорноста на Србите, што не е видено во современата историја на нашата нација“, нагласи Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Европската унија соопшти дека овие избори во четирите општини на северот на Косово не нудат долгорочни политички решенија. Тоа, според ЕУ, може да се случи само преку трајно враќање на косовските Срби во институциите и со формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.

САД наведоа дека изборите биле легитимни и изразија жалење што српските партии не учествувале. „Учеството на избори помага лидерите да бидат претставници на населението на кое му служат“, се вели во реакцијата на американската амбасада во Приштина.

Инаку, вчера на гласање излегоа само 3,47 отсто од над 45.000 граѓани со право на глас. Во две општини, Северна Митровица и Лепосавиќ, победија кандидатите на Движењето Самоопределување, а во другите две, Звечани и Зубин Поток, кандидатите на Демократската партија на Косово.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button