КОСОВО – „Самоопределување“ не победи во ниту една општина

На локалните избори во Косово, победи беа забележани во 17 општини, а во 21 општина ќе има втор круг. Според прелиминарните резултати на Централната изборна комисија, Српската листа во првиот круг освоила 9 општини, ДПК пет, АИК и ДСК по две, додека Движењето Самоопределување не постигна победа во ниту една општина во првиот круг. Во втор круг ќе оди во Приштина, Ѓаково, Гњилане, Подујево, Каменица и Качаник.
Претседателот на Самоопределување, Албин Курти рече дека е задоволен од резултатот, па иако во првиот круг не освои ниту една од 38-те општини, уверен е дека во вториот круг ќе добие 12.
„Прво, се разбира, без оглед на нашиот резултат на сите избори, ние целевме и посакувавме повеќе. Сепак, ние сме задоволни од она што го постигнавме, бидејќи дури и во однос на локалните избори, партијата остана прв и најголем субјект.“
Претседателот на ДПК Мемли Красниќи беше задоволен од постигнатото, исто како и лидерот на ДСК, Љумир Абдиџику. ДПК доби најмногу гласови на национално ниво, а потоа следуваат Самоопределување, ДСК и АИК.
Самоопределување има над 200.000 гласови помалку отколку на парламентарните избори, а раст на своето конто имаат ДСК и АИК.
Според Законот за локални избори, вториот круг треба да се одржи на 14 ноември, односно четири недели после првиот.
Melihate Rustemi