Косовската полиција доби дронови од САД

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека е многу важно зголемувањето на војниците на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, поради зголемувањето на тензиите меѓу Косово и Србија по нападот врз косовската полиција на северот на 24 септември. Столтенберг пред дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел рече дека ситуацијата на Косово ќе биде дел од агендата.
„Ние исто така ќе се осврнеме на мисијата и операциите на НАТО, вклучувајќи го и нашето присуство во Ирак, помагајќи да се спречи враќањето на ИСИС, како и нашето присуство во Косово. Видовме зголемени тензии таму, па затоа е важно НАТО да го зголеми своето присуство во Косово“, рече Столтенберг.
На 6 октомври НАТО објави дека 200 британски војници пристигнале во Косово и му се приклучиле на британскиот контингент кој брои 400 војници. Германија објави дека ќе испрати околу 150 војници дополнителни војници, но во април следната година. Распоредување на дополнителни трупи најави и Словенија.
„Знаеме дека во последниот мандат, претходната влада го намали присуството во Косово, сега повторно го зголемивме и го зголемуваме со одлуката на владата за 100 војници. Словенечките војници се таму пред сè како мировни сили и секако дека Западен Балкан е приоритет за Словенија и затоа го зголемуваме нашето присуство“, рече Марјан Шарец, министер за одбрана на Словенија.
КФОР моментално има 4.700 војници од 27 земји-членки на НАТО. Во меѓувреме, денеска САД донираа седум беспилотни летала за косовската полиција.
„Со оглед на обемот на криминалните активности на организираните групи во регионот, овие беспилотни летала ќе бидат витален извор за органите за спроведување на законот во Косово за борба против криминалните активности на теренот и од воздух“, изјави Џефри Ховениер, амбасадор на САД во Косово.
Американската донација доаѓа околу три недели по нападот во Бањска.
Алсат