ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Косовската претседателка во Македонија

Заедничката иднина на земјите е во евроатлантското семејство, порача претседателот Стево Пендаровски, кој денеска ѝ беше домаќин на косовската претседателка Вјоса Османи. Двајцата истакнаа дека државите имаат одлични билатерални односи и комуникација на високо ниво, како и значајна улога за стабилноста на регионот. Пендаровски и Османи зборуваа и за правата на заедниците во двете земји.

„На средбата со косовската претседателка и за можностите за унапредување на правата на Македонците во Косово, во време кога за жал некои странски пропаганди се повторно активирани. Во таа насока наша заедничка цел е зближување на граѓаните од двете страни на границата и олеснување и интензивирање на прекуграничната соработка“, рече Пендаровски.

„Албанците беа и остануваат важна сила за позитивни промени и за достигнување на евроатлантските аспирации на Северна Македонија. Важно е да продолжи поддршката и зајакнувањето на Албанците во Северна Македонија во сите сфери во општеството како рамноправни граѓани и како клучни придонесувачи за напредокот на Северна Македонија“, рече Османи.

Тема на разговор биле и економските прашања. Пендаровски истакна дека трговската размена со Косово лани изнесувала 482 милиони евра и оти трендот на зголемување треба да продолжи. Од друга страна, Османи кажа дека има потенцијал за поголем развој, особено што Македонија и Косово не се само географски блиски, туку се и држави кои имаат иста визија.

„Се надеваме што поскоро да го видиме завршувањето на автопатот од 12 километри што го поврзува Скопје со граничниот премин со Република Косово. Патот уште повеќе ќе нè зближи и ќе ни овозможи уште поголеми можности за меѓусебна размена, вклучително и во економијата. Исто така се надевам дека ќе се формираат и заеднички погранични контроли на двата главни гранични премини и веќе имаме добри вести во таа насока“, додаде Османи.

Османи и утре ќе престојува во земјава и ќе присуствува на повеќе активности во Скопје и Тетово.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button