ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: На граѓаните им е преку глава од поделби

Економски раст од 5%, повисоки пензии и плати, едноцифрена стапка на невработеност, најави мандатарот Димитар Ковачевски, презентирајќи ја предлог-програмата на новата Влада пред пратениците.

Со најава за засилени градежни активности на Коридорите 8 и 10, како и финансиска поддршка за земјоделците, Ковачевски во експозето посочи дека за исполнување на целите му се потребни две и пол години без изборни потреси. Тој тврди дека новата Влада има легитимитет, а во неа ќе членуваат работливи кадри, што ќе предводат обединувачки политики.

“Не знам, не сакам и нема да ги делам луѓето, граѓаните, министрите на „наши“ или „ваши“. Граѓаните се уморни и преку глава им е од поделби, препукувања и постојани надмудрувања. Доста им е од дневна политика и борба на партиски соопштенија. Планирам единствено да ги разликувам луѓето на способни и неспособни, на чесни и нечесни, на работливи и неработливи, на одговорни и неодговорни. За првите секогаш ќе има место и ќе имаат поддршка, за вторите во Владата и институциите нема и ќе нема место. Поделбите во општеството не се добри. Но за тоа не се виновни граѓаните, туку политичарите”, рече Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ

Од опозицијата пак, тврдат дека Владата на Ковачевски ќе биде континуитет на како што велат, корумпираната Влада на неговиот претходник Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ го оспорува легитимитетот на новиот кабинет и бара СДСМ да се соочи со народот на избори што поскоро.

„Клучните ресори продолжуваат да ги водат исти луѓе. Ова е Влада којашто не може да понуди нови политики и нови визии со стари луѓе. Не затоа што луѓето кои се во Владата можат да бидат различни, туку затоа што политиките што ги претставуваат не можат да бидат различни. Затоа што политиките што ги водеа во овие четири и пол години не може магично да се сменат во годините коишто доаѓаат. Затоа што тоа се истите политики и тоа се истите ставови“, вели Александар Николоски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Од ДУИ пак, повикаа пратениците да го поддржат составот на Ковачевски, бидејќи така би покажале политичка зрелост во корист на граѓаните, а со гласот „за“ ќе гласаат и за Македонија како член на Европската унија. Од друга страна, од Алијанса за Албанците не ги штедеа критиките за старо-новите министри, истакнувајќи дека Ковачевски им дал доверба на кадри кои и досега лошо управувале со своите ресори.

„Денес и утре дебатираме дали да гласаме за Европската Унија, за Охридскиот Договор, за добрососедството, за Коридорот 8, за гасификацијата, за Зелената агенда, за дигитализацијата, за железницата, за автопатот Скопје-Блаце, за управувањето со отпадот, за напредна и поддржана администрација, за предвидливост и добри меѓуетнички односи, стабилност и безбедност. Ние, 15-те пратеници на ДУИ и нашите гласачи, но и мнозинството наши граѓани, немаме дилема, се решени, сите заедно ќе ја поддржиме оваа Влада“, рече Арбер Адеми – пратеник на ДУИ

„Што предлагате вие? Министри на ДУИ кои продолжуваат да бидат дел од новата Влада, па произлегува дека тие биле безгрешни и дека немаат никаква одговорност за сите скандали за висока корупција и нудите министри како господинот Спасовски, господинот Маричиќ, Николовски, кои колку и министрите на ДУИ имаат одговорност во однос на неуспесите на Владата. Ние сме држава со највисок степен на корупција во Европа, а министерот задолжен за борба против корупцијата продолжува да биде во вашата Влада”, вели  Халил Снопче – пратеник на Алијанса за Албанците

Седницата за избор на нова Влада продолжува изутрина, а за предлогот на Ковачевски ќе се гласа најдоцна до утре на полноќ. /Алсат.мк

Лука Андреев

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button