Ковачевски со повик до опозицијата да номинира министри во техничката влада

Премиерот Димитар Ковачевски очекува ВМРО-ДПМНЕ да ја исполни законската обврска и да предложи кандидати за министри во техничката Влада. Според него, евентуалното неучество на опозициската партија во техничката влада би оставило дамка на целиот изборен процес. Ковачевски нагласи дека согласно законот, тој ќе поднесе оставка од премиерската функција, како што тоа го правеле и неговите претходници.
„Како што и другите политички партии пред тоа ја исполниле својата законска обврска, сметам дека не постои причина во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада. // Не постои никаква пречка или причина тоа да не биде направено и Северна Македонија на 24 април и на осми мај да има демократски избори“, рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска истакнаа дека Талат Џафери не е соодветно решение за технички премиер. Оттаму најавија дека за нивното евентуално учество во техничката Влада ќе одлучуваат партиските органи, а одлуката се очекува да ја донесат наредната недела.
„Наредната недела ќе има одлука. Она што загрижува е желбата на власта за изборен поткуп, делење на наводна социјална помош која е само грубо потценување на граѓаните, загрижува буџетот кој е скроен за изборни подмитувања, но граѓаните треба да ги охрабрува фактот што ВМРО-ДПМНЕ ќе носи одлуки кои ќе значат се спротивно од ова“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе медиуми претходно пренесоа и дека во техничката Влада позицијата „прв вицепремиер“ ќе биде отстапена. Односно, дека наместо Груби, во фотелјата би седнал актуелниот директор на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски. Според пишувањата, на чело на Министерството за политички систем пак би бил назначен генералниот секретар на ДУИ, Фатон Ахмети. Сепак, Ковачевски денеска нагласи дека за овие позиции не е предвидена промена во техничката Влада.
„Сѐ е дефинирано во Законот за техничка влада. Нема импровизации во тој дел. Таму е точно наведено… министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика, кои заменици министри стануваат дополнителни, така што тоа е точно наведено. Ако почнеме да влегуваме во процеси на импровизирање, тогаш веќе се става дамка на целиот процес“, рече Ковачевски.
Техничката Влада се очекува да започне со работа на 28-ми јануари, односно сто дена пред одржувањето на изборите, а технички премиер би бил Талат Џафери. СДСМ веќе одлучи кој ќе биде кандидат за негов заменик. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески ќе биде предлогот за нов спикер, а гласањето во Собранието најверојатно ќе биде кон средината на јануари. Во случај на одолговлекување на инаугурацијата на новиот претседател на државата, која треба да се случи на 12-ти мај, токму Митрески како претседател на Собранието би ја извршувал и претседателската функција. До ова може да дојде поради тоа што вториот круг од претседателските избори е закажан за осми мај, а потоа следува тридневен период за поплаки поради евентуални изборни нерегуларности.
Лука Андреев