Ковачевски тврди: Има партии кои сакаат сојуз со ТАЏИКИСТАН!

Власта сè уште нема датум за продолжување на собраниската седница на која беше почнат процесот на уставни измени, а преостана само да се види дали е обезбедено двотретинско мнозинство. Премиерот Димитар Ковачевски сепак вели дека измените ќе бидат усвоени во текот на овој парламентарен состав и процесот нема да запре.
„Јас велам дека 118 ќе има на крај, бидејќи Левица, тие се против Европска Унија, тие се со Казахстан, а и со Таџикистан ќе правеле заедница“, вели Ковачевски.
Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ваквите изјави на премиерот ги оцени како неточни и обид да се влее оптимизам кај членството на СДСМ, кое било поделено, особено околу уставните измени. Прашан за дипломатската офанзива, Мицкоски одговори дека на средбите со претставниците на меѓународната заедница не се зборува дали тревата е зелена, туку средбите биле жестоки. Сепак, уверува Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ нема да го смени ставот.
„Уставни измени, ние повторуваме повеќе од 15 месеци, под бугарски диктат нема да прифатиме. Не само сега, туку и во иднина. Ако ова се условите коишто ќе останат и идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да влезе во процес на уставни измени под овие услови, додека условите не се променат“, рече Мицкоски.
Вчера во гостување на Алсат, претседателот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши истакна дека зад измените на Кривичниот законик постои политички договор, поконкретно со екс-премиерот Никола Груевски, а кој ќе резултира со обезбедување двотретинско мнозинство.
„Нашите информации се дека измените на Кривичниот законик била договорена во Будимпешта и оти владина делегација и високи преставници на Министерството за правда отишле таму и заедно со Груевски ги разгледале предметите каде тој е осуден во отсуство и обвинет и ги разгледувале можностите како со овие измени во Кривичниот законик тој да може да се врати во Македонија“, рече Гаши.
Премиерот пак негира дека било што стои во позадина на измените.
„Се покажа дека законот е веќе донесен и ништо драматично не се случи. Тоа значи дека не бил правен наменски за нешто или за некого“, вели Ковачевски.
Последно, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервју истакна дека во октомври би се знаело кои партии во земјава се проевропски, а кои не.
Лука Андреев