Ковачевски: За укинување на техничката влада, консензус од сите партии

8 мај сè уште не е дефиниран како конечен датум за парламентарните избори. Премиерот Димитар Ковачевски, смета дека политичките партии треба да се договорат за датумот на изборите во зависност од роковите предвидени со закон, иако потврдува дека за него месец мај, останува прифатлив. Во однос на техничкиот премиер, Ковачевски рече дека врз основа на договорот тој ќе биде предложен од ДУИ, а за укинувањето на техничката влада смета дека е потребен целосен политички консензус.
„Станува збор за одлука донесена со консензус во 2016 година со меѓународни гаранции. Вклучен е и во Законот за Влада. 100 дена пред изборите ќе имаме техничка влада и единствена можност да ја укинеме е со консензус меѓу партиите. Се додека нема консензус, можеме да завршиме во политичка криза. Во моментов не гледам подготвеност кај политичките партии за укинување на техничката влада “, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Но, лидерот на македонската опозиција смета дека техничката влада треба да се укине. Христијан Мицкоски вели дека кој и да биде номиниран од ДУИ, тој нема политички и народен легитимитет да биде технички премиер.
„ВМРО-ДПМНЕ смета дека техничкиот премиер што ќе го предложи ДУИ нема да има ниту народен, ниту политички легитимитет. Цениме дека техничката влада со таков формат и фактот дека е техничка влада треба да останат во минатото. Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ и е доволно зрела да интервенира во Изборниот законик, и Законот за Влада, и оваа одредба треба да се укине“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
За можноста за заеднички листи и предизборна коалиција, Ковачевски рече дека партиите од парламентарното мнозинство се предодредени за Европскиот блок, но дали ќе има заеднички листи зависи од одлуките на политичките партии. Пред неколку дена, претседателот на Собранието, Талат Џафери, осврнувајќи се на законските рокови, изјави дека во случај на договор за избори за 8 месеци, тие треба да бидат објавени на крајот на февруари, а техничката влада да биде изгласана на крајот на јануари.
Адриан Керими