Ковачки: Полицајци намерно запирале функционери на ВМРО ДПМНЕ

Опозицијата, објави нови пораки, за кои тврди дека полицијаци ги испраќале на Вибер апликација. Според ВМРО – ДПМНЕ 40 полицијаци малтеретирале членови, активисти и симпатизери на партијата. Се составувале списоци за отстранување на автомобили од сообраќај, се подготвувале списоци за гласање а наводно полицијата имала задача да измислува и сообраќајни прекршоци по секоја цена, тврди ВМРО – ДПМНЕ.
„Во насоките како да се постапува со возилата предничи Дарко Цуцулоски комaндирот на ОВР Прилеп кој дава наредба: Ако треба измислeте прекршок и отстранувајте ги. Ајде остана уште малку до крајот. Не знам кај се наоѓам, ѕвонат на сите страни. 3:12 Колеги во четврток и петок е терминот за доставување на списоците за договореното. Внесувањето ќе биде од 16 до 19 часот. Во друга порака станува јасно дека тие имале систем или список во кој ги внесувале гласачите. Цуцулоски појаснува: Да ве потсетам за вечер, после 18 часот за внесување глас плус, важи за сите нас“, рече Драган Ковачки, ВМРО – ДПМНЕ.
Прашавме дали обвинителството по допрен глас и двата јавни настапи на Драган Ковачки од ВМРО – ДПМНЕ, оформиле предмет и презеле некакви дејствија.
„Комисијата за следење на изборни нерегуларности постапува по сите примени поднесоци, пријави , како и сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите. Информациите во врска со дадените наводи за кој прашувате се доставени до надлежното основно јавно обвинителство со насоки истите да се проверат и доколку се утврдат елементи на сторени кривични дела да се постапи согласно законските надлежности“, рекоа од ОЈО.
Полицијата пак вчера демантираше дека има злоупотреби на полицијата за изборни цели. Веќе имало внатрешна истрага за случајот и посочија дека МВР не комуницирало преку Вибер групи. Дополнително објаснија дека на 17 – ти октомври на изборниот ден, немало ниту едно возило пратено на вонреден технички преглед, а не била напишан ниту еден сообраќајен прекршок во градот Прилеп, каде ВМРО – ДПМНЕ обвини дека биле малтретирани нивни членови и дека физички бил следен нивниот кандидат за градоначалник, кој победи уште во првиот круг.
Бојан Стојановски