РЕГИОН

Курти и Вучиќ во Брисел го прифатија европскиот предлог

Спроведувањето на европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија е следниот чекор што двете земји треба да го преземат за релативно краток временски период. Напредокот кон имплементацијата на предлогот, според европскиот блок, ќе биде постигнат преку „шатл“ дипломатијата на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Косово- Србија, Мирослав Лајчак во Приштина и Белград. ЕУ очекува дека работата за спроведување на договорот да биде финализирана пред следниот состанок на Европскиот совет, кој ќе се одржи на 23 и 24 март.

Advertisements

„Партиите изразија подготвеност да продолжат со спроведувањето на договорот. Сè уште треба да се направат дополнителни преговори за да се утврдат конкретните модалитети за имплементација на одредбите од договорот“, рече Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ.

Албин Курти и Александар Вучиќ потврдија дека се договориле за содржината на договорот, но рекоа дека ништо не потпишале и за ова меѓусебно се обвинуваат.

Курти рече дека е подготвен да потпише, но дека српската страна одбила.

„Напредувањето ќе се однесува на планот за имплементација. Ние сме на добар и еднонасочен пат за нормализирање на односите. Тоа е договор за симетрија, добро- соседство и соработка во иднина“, рече Курти.

Вучиќ рече дека Курти е тој што не е подготвен да прифати имплементација на Договорот за здружување на општините со српско мнозинство во Косово.

„Јас, секако, инсистирав на Заедницата на општините со српско мнозинство. Мислам дека Курти не беше подготвен да го прифати сега, но ќе видиме дали ќе го прифати во иднина“, рече Вучиќ.

По ова прашање, заменикот на Владата на Косово, Бесник Бислими, во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент денеска изјави дека Асоцијацијата не значи територијална автономија.

„Тоа ќе биде невладина институција која ќе го координира ова прашање, но никогаш не било замислено како територијална автономија за кој било дел од државата, било да се општините на север или на југ“, рече Бесник Бислими, вицепремиер во владата на Косово.

На Бислими му одговори директорот на Канцеларија за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ. Тој рече дека Асоцијацијата ќе се формира според договорот потпишан во Брисел.

„…нема да отстапи ниту една точка од првиот Бриселски договор и другите акти од дијалогот кои јасно ја дефинираат Асоцијацијата на српските општини. Таа нема да биде како што би сакале Бесник Бислими или Албин Курти, туку ќе се формира според она што е потпишано во Брисел“, истакна Петковиќ.

Косово и Србија постигнаа два договори за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство, во 2013 и 2015 година. Во 2015 година Уставниот суд на Косово утврди дека договорот не е во целосна хармонија со Уставот. ЕУ и САД бараат од Косово да ја формира заедницата.

Шкелзен Аќифи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button