
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) денеска упати повик до сите големи трговски синџири, супермаркети, добавувачи и дистрибутери да постапуваат строго согласно Законот за забрана на нефер трговски практики („Службен весник на РСМ бр. 66/24“) со цел, како што велат, да се обезбеди фер, транспарентен и законски пазар во интерес на економијата, производителите и потрошувачите.
Комисијата потсетува дека законот забранува злоупотреба на значителна пазарна моќ, вклучувајќи еднострани промени на договори, неосновани одложувања на плаќања, принудно враќање на производи, наметнати трошоци и други условувања кои ја нарушуваат рамноправната позиција на учесниците на пазарот. Посочуваат дека секој трговец кој врши притисок врз добавувач, го уценува или диктира услови надвор од законскиот и договорниот основ е предмет на прекршочна постапка и ризикува сериозни санкции.
– Законот е јасен – фер трговија не е опција, туку обврска. Ние не се бориме против бизнисот, туку против неправдата. Онаму каде што се наоѓа злоупотреба, Комисијата ќе постапува. Но, целта не е репресија, туку воспоставување култура на фер пазарна игра, се вели во писмената изјава на претседателката на КЗК Малинка Силјановска Николиќ.
Таа повикува на одговорност, саморегулација и конструктивна соработка, потенцирајќи дека најсилната економија е онаа во која сите играат според истите правила.