
Пратеникот Антонио Милошоски во интервју за Алсат призна дека еден од предлозите за новиот државен грб е лавот, како што рече, тој има историска симболика со земјава. Според него, сепак, не треба да се брза по ова прашање и треба да се постигне поширок консензус.
Но, Африм Гаши од ВЛЕН во интервју за 360 степени, потенцираше дека не треба да се враќаме назад во историјата за да го дефинираме грбот. Според него, решението мора да лежи во актуелните вредности на државата.
„Мислам дека, сепак, тоа е прашање на лидерите да разговараат меѓу себе. Не би навлегувал во такви дискусии да се навраќаме на хералдика или историјата, нашите народи во антиката или средниот век, какви симболи имале. Денеска треба да зборуваме што е добро за нашата земја. Каква држава сакаме да изградиме, каде ја гледаме нашата држава, какви вредности сакаме да имаме?“, рече Африм Гаши, претседател на Собранието.
Предлогот што сите челници на ВЛЕН го понудија во јавноста, заедно со новиот амблем да се најде решение и за други отворени прашања како химната или 20% формулација за албанскиот јазик и Албанците во Уставот, не е прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ.
Прашањето за грбот е повторно отворено по цела една деценија, кога ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски се договорија лавот да биде државен симбол, за што ДУИ во своето мислење потенцираше дека тој е и албански симбол. Експертите оценуваат дека враќањето на идеите за амблеми со лав или македонски национални мотиви би отворило етно-националистичко поглавје што може да ги подгрее меѓуетничките тензии./Алсат.мк
Суад Бајрами