ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Летово ќе има помалку мед, еве зошто…

Обилните дождови кои траеја повеќе од еден месец го измија поленот и нектарот од цветовите и поради тоа пчелите не можеа да соберат мед.

Пчеларот Шабан Адеми, кој заедно со семејството поседува 800 кошници е трета генерација пчелари во неговото семејство. Вели дека оваа година веќе изгубиле една третина од количината. Тој се надева дека ќе успеат во следните две фази од процесот.

„Предност ни е кога на некое место вегетацијата цути порано, а планинските предели сè уште не почнале, се трудиме да ги искористиме, два-три пати ги вртиме пасиштата и два-три пати собираме мед. Но, годинава багремот пропадна, бидејќи долгото траење на дождовите имаше лош ефект и багремот го нема. Собравме некое количество, но не е доволно… Годинава досега, една третина пропадна. Како и обично, три пати собираме мед ако климата се погоди, но ако продолжи вака, ќе пропаднеме…“, вели Шабан Адеми, пчелар.

Недостигот на полен предизвикува пасивност кај пчелите и со тоа се зголемува нивното незадоволство, се формираат многу групи кои сакаат да се ројат. За да го спречат овој процес, пчеларите треба да направат бројни проверки. Со тоа имаат дополнителна работа, а на крајот немаат мед за сиот труд финансиски да им се исплати.

„Во овие климатски услови, кога има полен некое време и потоа стагнира, се појавува пасивност кај пчелите. Тие формираат групи, формираат роеви и секоја група бара разделба, всушност пчелата се рои, се дели и бара нова куќа, тоа предизвикува трошоци за пчеларот затоа што новата пчела треба да има нова кошница…“, додава Адеми.

Покрај маките со природата, пчеларите имаат мака и со државата. Висината на субвенциите од 700 денари по кошница, годинава е намалена на 600. Тие потсетуваат дека пчелите се важни не само за медот, туку се и главни опрашувачи во земјоделството и овоштарството.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button