ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Лога очекува брза екстрадиција на Палевски

Лога очекува брза екстрадиција на Палевски

Министерот за правда Кренар Лога очекува наскоро да се реализира екстрадицијата од Турција на главноосомничениот Љупчо Палевски Палчо, за убиствата на малата Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Лога повтори дека на неговата последната посета во Турција му било кажано дека судскиот дел од постапката е завршен, а останува само административниот дел. Тој додаде дека од страна на турските власти му бил најавен и рок за испорачувањето на Палевски, но не сакаше да го сподели. Лога вели дека денеска повторно побарал дополнителни информации за процесот на екстрадиција, но по неформални канали.

„Според нивните правила, мора прво таму да се потпишува од страна на нивното Министерство за надворешни работи, па потоа од страна на министерот за правда. Очекувам за брзо да се случи тоа, бидејќи такви беа и зборовите од мојот колега од Турција“, рече Кренар Лога – министер за правда.

Палевски по распишаната меѓународна потерница беше фатен во турскиот град Беликесир, каде од декември се наоѓа во екстрадициски притвор. Тогаш домашните институции, односно органите на судската и извршната власт се пофалија дека во експресно време ја прибрале и превеле неопходната документација за екстрадиција на Палевски. Лога на почетокот на февруари изјави дека екстрадицијата е прашање на денови. Дури и претседателот Стево Пендаровски истакна дека комуницирал со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган за да се забрза екстрадицијата, бидејќи, како што рече, случајот е премногу крупен за да се одвива по бирократските коридори.

Во меѓувреме, сите останати осомничени во случајот, Велибор Манев, Влатко Кешишов, Боре Видевски, но и таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, остануваат во притвор. Во средата, Врховниот суд како неоснована ја отфрли жалбата на Александар Ѓорчевски за определениот притвор и тој засега останува зад решетки. Неговиот адвокат кажа дека му се вршел притисок да го признае делото и истакна дека таткото на Вања не се познавал со останатите осомничени. Според Обвинителството пак, постои сериозно сомневање за учество на Александар Ѓорчевски во грабнувањето на својата ќерка, а постои и висока опасност од бегство. Оттаму додадоа дека во истрагата за убиствата во моментов се вештачат телефонски разговори./Алсат.мк

Лука Андрев

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button