КОШАРКАСПОРТ

Лос Анџелес Лејкерс ја прекина серијата на Денвер, Бостон поведе со 2-1

Лос Анџелес Лејкерс славеше на домашен терен со 119-108 над Денвер Нагетс, со што „езерџиите“ избегнаа втора година по ред да бидат елиминирани со „метла“ од тимот предводен од Никола Јокиќ.

Откако лани загубија со максимални 0-4 во финалето на Западната конференција, Леброн и соиграчите претрпеа три порази во низа и во овој плејоф. На таа „црна серија“ конечно и дојде крајот рано утрово, кога Лејкерси одиграа одличен меч и заслужено го совладаа актуелниот шампион.

Јокиќ одигра уште еден плејоф меч за паметење, реализирајќи трипл-дабл од 33 поени, 14 скоковии 14 асистенции, но и тоа беше недоволно за да се избегне пораз. На спротивната страна, Леброн Џејмс постигна 30 поени за победничкиот тим, додека Дејвис имаше импресивен дабл-дабл од 25 поени и 23 скокови.

Бостон поведе со 2-1 во серијата со Мајами откако Селтикси лесно и убедливо триумфираа на гостувањето на Флорида со 84-104, реванширајќи се за неочекуваниот пораз на домашен терен. Целата работа Бостон ја заврши уште во првото полувреме што го доби со 39-63, по што вториот дел мина во рутинско одржување на предноста од страна на гостинските кошаркари.

Браун и Тејтум ги предводеа стрелците на победничкиот тим со по 22 поени, Порзингис постигна 18, додека кај Мајами најефикасен беше Адебајо со 20 поени.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button