Љубомир Јовевски не кажува што се истражува за надзорот на автопатите

Главниот обвинител Љубомир Јовевски, не соопштува детали за истрагите што ги покрена Основното обвинителство за гонење криминал и корупција, за постапките со фирмите за надзор на работите на коридорите 8 и 10-Д.
Случајот за тендерот за одбирање фирми за надзор во Обвинителството беше отворен по допрен глас. Во меѓувреме, се појавуваат други индиции за една од компаниите.
„Електра Солушн“ која е една од фирмите-надзор на работата на Бехтел и Енка, обезбедила лиценца А за вршење на дејноста во рекордно време од само четири работни дена. Јавно достапните информации покажуваат дека огласот бил објавен на 15 септември, Електра Солушн аплицирала на 27 истиот месец, а потребниот документ од Министерството за транспорт и врски го добила на 3 октомври.
Под знак прашалник е и податокот дали компанијата ги исполнила критериумите од огласот за бројот на вработени кои мора да ги има. Имено, таа морала да има најмалку четворица инженери, од кои двајца да имаат овластување за надзор. Но, достапните податоци покажуваат дека двајца од четворицата инжинери биле вработени на плус 40 часа неделно, што значи дека тие лица работеле и во друга компанија истовремено. Интересни се податоците кои покажуваат дека инженер бил вработен во денот кога компанијата се пријавила на тендерот, на 27 септември. Сомневања има и за причините зошто пропадна првиот тендер за надзор.
Мефаил Исмаили