ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Власта спрема нов закон за избор на судии и обвинители

Власта ќе ги менува правилата за станување обвинител и судија, а најавата пристигна во истиот ден кога седмата генерација во Академијата ги доби дипломите. На вчерашната владина седница бил усвоен нов предлог на Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, кој со европско знаменце, по скратена постапка, ќе се најде пред пратениците. Од Владата образложија дека во постоечкиот закон се лоцирани одредени слабости, без да се наведе кои. Засега, текстот на предлог законот не е јавно објавен.

„Се предлага реорганизација на приемен испит со цел подобро оспособување на кандидатите за успешно да учествуваат во обуката; намалување на роковите за поднесување и одлучување по приговори и жалби за резултатите од приемниот испит; редефинирање на начинот на полагање на завршниот испит“, наведоа од Владата.

Инаку, врз основа на критериумите од актуелниот закон, за кој се вели дека се утврдени слабости, вчера дипломи добија кандидатите од седмата генерација. Меѓу нив се и голем број роднини на политичари, а за дел од нив во јавноста беше оспорувана кандидатурата. Меѓу нив се синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, Албулена Абази, сопругата на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Ислам Абази, сопругата на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски и други. Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска порача дека на овие лица треба да им се даде шанса, бидејќи законски ја завршиле Академијата.

„Има доста строги критериуми и на тој упис покажале соодветни резултати и биле примени во Академијата. Со успех ја завршиле Академијата и според тоа јас апсолутно не гледам никаква причина да се фрла сомнеж на овие млади луѓе“, рече Љубомир Јовески – републички јавен обвинител.

Инаку, од Министерството за правда, кое е предлагач на новиот закон, истакнаа дека во текстот ќе бидат вградени сите измени што се во согласност со европските вредности.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button