Македонија без регистар за повредени и загинати на работното место

Годишно во Македонија се одвојуваат по неколку милиони евра за исплата на штети за повреди на работно место. Синдикатите предупредуваат дека воглавно повредите се случуваат поради прекувремена работа. Дополнителен проблем е што кај нас не постои единствен регистар за повредени работници на работни места. Затоа нема ни точни податоци колкав е нивниот број на годишно ниво. Експерти по оваа проблематика потсетуваат дека од 2007 година постои Закон за безбедност и здравје при работа, но проблем е неговата примена.
„Имаме совесни работодавачи кои го почитуваат тоа законодавство, ги исполнуваат законските обврски, обезбедуваат средства за своите вработени, опрема, прават обуки, им ги обавуваат потребните законски прегледи, но има и работодавачи кои се неодговорни. Едноставно – да ја завршиме работата, примаат вработени кои не ги пријавуваат, не ги регулираат работните односи, не им ги прават соодветните обуки“, вели Дејан Ангеловски, Здружение на инжинери за заштита на работа.
Бројот на повредени на работно место варира и е различен од институција до институција.
„Според едни е 12 починати, според други е 22 починати. И бројката варира. А, бројот на повредени е од 150 до 450, зависи кој ја прави анализата и кој ги собира податоците на годишно ниво…“, додава Ангеловски.
Повреди на работно место имало и ќе ги има, но целта е бројот на такви случаи да се намали.
„Дека ќе постигнеме таргет наредната година, нула повреди, реално тоа е не остварливо. Но, целта е да го симнеме што е можно пониско бидејќи секој вработен, секој негов пропуштен ден на работно место го чини работодавачот, не само болката на вработениот, туку и неговото отсуство од работа, особено сега кога имаме недостаток на работни места“, рече Борче Стојчевски, Здружение на инжинери за заштита на работа.
Стојчевски вели дека сè уште во земјава постојат компании кои кријат кога некој нивен вработен ќе се повреди на работното место. А, од трагичните случаи, според полициските билтени, само летово на своите работни места загинале тројца работници, а десетина биле повредени.
Мики Трајковски