ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И македонското обвинителство со истрага за трагедијата во Бугарија

Игор Стефановски

Advertisements

Сите кои овозможиле пропуст за поминување на автобусот на „Беса Транс“ на граница без довозола, како и за работење на оваа транспортна компанија ќе одговараат. Ова го кажа шефот на републичкото обвинителство, Љубомир Јовески кој вели дека во скопксото обвинителство се води предмет и за работата „Беса Транс“, но и за тоа како изгорениот автобус ја минал границата и превезувал патници без воопшто да има дозвола за таква услуга, а ова било случај повеќе од 100 пати. Токму поради ова се истражува дали има мито и корупција меѓу „Беса Транс“ и службени лица.

„Ние прибираме податоци и за одговорноста на други лица и за нивните дејствија што придонеле и за сообраќајната незгода, но и во исто време и во делот на прекршувањето на законите, доколку навистина се утврди дека има такви прекршувања или повреди. Станува збор, но ние сето тоа го утврдуваме дека има можеби и фалсификување на одредени документи. Сите тие прашања обвинителството ги испитува. И ве уверувам дека за било кое лице да се работи, доколку во неговото дејствие има елементи за кривично дело, обвинителството ќе покрене соодветна постапка и сите ќе одговараат согласно Закон“, изјави Љубомир Јовески, републички обвинител.

Газдата на „Беса Транс“ е достапен на истражните органи, тврди Јовески. Беким Хаџиу веќе дал исказ пред бугарското обвинителство, а досега против него нема елементи за сторено кривично дело. Покрај човечка грешка кај возачот, во Бугарија се проверува и дали за несреќата има вина и во самиот пат по кој возел автобусот, каде според бугарските експерти, недостастува сообраќајна сигнализација.

„Кога веќе ќе бидат изготвени сите заклучоци од извршените експертизи и во зависност од нив, тогаш веќе ќе имаме некој заклучок, или за лошото маркирање на сигнализација, како што се кажува, дали е причина за настанување на сообраќајната несреќа“, нагласи Бисер Јорданов Михајлов, заменик окружен јавен обвинител во Перник.

Иако првичната претпоставка на бугарските истражни органи дека причина за несреќата е човечка грешка, сепак останува отворено прашањето како настанал пожарот – имало или немало запалив материјал во возилото.

„Сакам да ве уверам дека сите претпоставки и отворени тези и информации кои доаѓаат до нас нѝ помагаат во истрагата иако не звучат многу сериозно. Моментално работи и службата за пожари и очекуваме да се изјаснат“, рече Младен Христов Петров, истражител во Националната истражна служба на Република Бугарија.

Инаку, републичкото обвинителство денеска на бугарските колеги им ги предаде сите прибрани докази кои би требало да ѝ помогнат на истрагата што ја води бугарското обвинителство. Меѓу нив има ДНК анализи од роднините на починатите во автобуската несреќа, записници за тоа што кажале досега испитани осум сведоци, како и целата документација за работата на компанијата „Беса Транс“, вклучувајќи го и предметот на Минситерството за транспорт и врски кој се однесува за одземената лиценца на фирмата./Алсат.мк

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button