ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Малите партии стравуваат дека изборниот праг ќе ги „збрише“ од политиката

Помалите партии од парламентарното мнозинство, кои бараат систем со една единица, се со став дека прагот на гласови што ќе треба да го обезбеди една партија за да влезе во Собранието, не треба да постои. Во емисијата 360 степени на Алсат, претседателката на Демократската обнова на Македонија, Маја Морачанин изјави дека поставувањето праг не е во служба на демократизација на процесот.

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, не ја исклучува можноста да се разговара за ова прашање, но оценува дека цензусот би се формирал природно во првиот изборен процес со една изборна единица.

Прашањето за една изборна единица повторно се враќа во фокусот откако стана едно од барањата на споменатите партии како услов за да останат во парламентарното мнозинство. Рокот кој тие го зададоа за да почне да се разговара на оваа тема е три месеци. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија е подготвена да зборува за систем со една изборна единица, исто како и Алијансата за Албанците, а истиот систем е и во изборната програма на СДСМ.

Сепак, иницијативите за промена на сегашниот изборен систем од пропорционален со шест, во една изборна единица, досега секогаш пропаѓаа поради недостигот на консензус кога партиите ќе седнеа на преговарачка маса.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button