Малолетник, главен осомничен за обидот за убиство на обвинител

Обвинителот од ОЈО Гостивар Хазби Исеини да немал пиштол од кој истрелал предупредувачки куршум во воздух се чини дека немало да се извлече од животната драма во која едвај спасил живот. Сериозниот инцидент во кој бил нападнат со нож се случил додека обвинителот во раните утрински часови заедно со негов роднина се возел по патот во гостиварското село Чегране. Кога наишол на паркирано возило на патот, сигнализирал и поминал . Тогаш тројцата сега осомничени кои биле во другото возило почнале да го следат, а кога обвинителот Исеини застанал, започнале да го навредуваат и агресивно да се однесуваат кон него иако тој им се претставил и предложил да повикаат полиција за да се расчисти настанот.
„Сите тројца осомничени започнале да го удираат, а малолетникот од џебот извадил нож со кој му задал убодна рана во задната десна страна од градниот кош. Потоа се обидел да го прободе уште еднаш. Гледајќи дека осомничените имаат намера да го довршат делото и да го лишат од живот, оштетениот извадил пиштол кој го поседувал со дозвола и испукал предупредувачки куршум во воздух со што ги запрел“, наведоа од Обвинителството.
Осомничените избегале, а обвинителот Исеини бил префрлен во гостиварската болница. Тројцата ќе одговораат за обид за убситво. Главен осомничен е малолетникот од 17 години, кој ќе се гони по Законот за правда на децата. Осомничен е 40 – годишниот татко на малолетникот од Чегране, како и 40 – годишник од тетовското село Церово. Овој случај го води тетовското обвинителство, за да се избегне евентуална пристрасност од ОЈО Гостивар. По барање на тетовското обвинителство, како што дознава Алсат судот во Тетово определи притвор за малолетникот исто како и за неговиот татко и пријателот.
Игор Стефановски