ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Малуброен протестот за правда за Вања

Малуброен протестот за правда за Вања

Малуброен беше протестот, кој се одржа пред зградата во која живееше малолетната Вања Ѓорчевска, а на кој беше повикано да се воведе смртна казна. Собирот беше организиран на социјалните мрежи, откако минатата недела беа откриени деталите од грозоморното убиство.

„За ова дело треба да се донесе посебна санкција, најстрога казна, да се смени во законот нешто.“

„Ако денеска не реагираме ќе ни се повторат вакви случаи и ќе бидат се поголеми. // Треба да се сменат законските регулативи за да има подраконски казни за вакви монструми.“

„Протестов којшто беше како јавен повик даден за воведување на смртна казна, за одразување на почит кон семејството, еве за мајката на малата Вања зашто очигледно немала семејство и имала најверојатно само еден родител, моментално сме тројца луѓе, Македонијо засрами се.“

Во меѓувреме и потанаму се очекува Љупчо Палевски Палчо, првоосомничениот за убиствата на малата Вања и велешанецот Панче Жежовски, да биде екстрадиран од Турција. Министерот за правда Кренар Лога денеска информираше дека постојат неформални контакти со турските власти. Сепак, за датумот кога Палевски би се вратил, Лога не можеше да зборува – вели дека ќе се почека, па од понеделник би се знаело дали Палевски ќе ги користи можностите за приговори на барањето за екстрадиција.

„Релативно брзо очекуваме да биде испратен во Македонија. Како и да е, да почекаме прво дали ќе ги искористи сите тие правни лекови и дали системот во Турција ќе дозволи тоа да се одвива на начин како што ние побаравме“, изјави Кренар Лога – министер за правда.

Партиите пак и понатаму продолжуваат со меѓусебните обвинувања за односите што ги имале со Палевски. Од ВМРО-ДПМНЕ изразија сомнежи за пропусти во истрагата, а социјалдемократите оценија дека изјавите на опозициската партија добиваат опасна димензија.

„Спасовски мора да одговори, дали МВР знаела, т.е. имала можност да го лоцира возилото, но тоа не е направено затоа што не распишале централна објава? Повторувам, зошто кога семејството на убиениот Панче пријавува дека тој е исчезнат со возилото уште на 22 ноември не е распишана централна објава?“, рече Драган Ковачки – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Нема одговор на прашањата за средбата на Христијан Мицкоски со Љупчо Палески. Што се разговарало на таа средба? Што се договарало? Зошто се молчи? Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да одговори. Обидите за манипулација и поткопување на истрагата и ширење паника кај граѓаните отвораат сериозни сомнежи за целите на ДПМНЕ“, изјави Даниела Марковска – пратеничка на СДСМ.

Претходно експертите повикаа случајот да не се политизира, бидејќи одредени изјави на политичарите може да се искористат од страна на Палевски и тој да ја одолговлечи екстрадицијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button