ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

По премиер албанец, ДУИ ќе бара и претседател на државата

По премиер албанец, ДУИ ќе бара и претседател на државата

По премиер Албанец, ДУИ ќе цели кон претседател на државата Албанец. Ова го откри потпретседателот на партијата Бујар Османи, но не прецизира во кој изборен циклус. Тој кажа дека со изборот на Талат Џафери за технички премиер премиерската функција веќе нема да биде етнички монополизирана.

„Талат Џафери ќе биде првиот премиер Албанец, а за вториот нема да се стави темата под прашалник. Бидејќи и премиерската функција ќе биде дел од сузбивањето на етничкиот монопол и само уште една позиција каде што има етнички монопол ќе е претседателот на државата, но тоа е наредната мисија на ДУИ. Ова е мисијата и визијата на Али Ахмети“, изјави Бујар Османи – потпретседател на ДУИ.

Од СДСМ го најавија и заменикот на Џафери во спикерската фотелја во Собранието. Тоа би бил координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

„Името на Талат Џафери за СДСМ е прифатливо, со оглед на тоа дека претседател на Собранието, што е исто така сериозна функција во државата, ќе биде името на Јован Митрески, којшто нели ќе биде од нашата партија и е со македонска националност“, рече Даниела Марковска – пратеничка на СДСМ.

Негодува ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија сметаат дека Џафери не е правилното решение за премиерската позиција.

„Деспотот од Форино е лик познат во јавноста, од неговите кршења на закони и процедури, до снимките со неговите сочни пцости и испади, што никако не е материјал за премиер на држава како Македонија во криза“, нагласи Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно ВМРО-ДПМНЕ бараше и да се укине техничката Влада, но од владејачката коалиција одговорија дека веќе е предоцна и за тоа може да се зборува по завршување на наредните избори. Поради ова, засега не се знае дали ВМРО ќе учествува во техничката Влада, а од СДСМ велат дека не би биле зачудени. На опозициската партија и следуваат министерските позиции за внатрешни работи, за труд и социјала, како и неколку заменици министри.

„Во следниов период телата на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлуки дали ќе се учествува и евентуално со кои имиња би учествувале во таква Влада“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тоа не би било ништо ново. Тие постојано бојкотираат и блокираат и во Собранието“, изјави Даниела Марковска – пратеничка на СДСМ.

Инаку, името на Јован Митрески за нов спикер се очекува утре да биде потврдено на седница на Извршниот одбор на СДСМ. Потоа веројатно би се знаело и кога точката ќе се најде на гласање пред пратениците. Техничката Влада се очекува да се оформи на 28 јануари.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button