Матурантите ќе го полагаат вториот екстерен испит
Матурантите денеска од 10 часот ќе го полагаат вториот екстерен испит за кој можеа да избираат меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија и естетика.
Според податоците на Државниот испитен центар, тест по математика избрале 1529 кандидати. Како и во минатите години, повеќе се определиле за странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски (13 452). Германски јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, руски јазик 18.
Математика и странски јазик се избор за учениците од гимназиското и од стручното образование, додека за учениците во училиштата од уметностите – странски јазик е во алтернација со филозофија (во училиштата за ликовно образивание и има 14 пријавени) и со естетика (во училиштата за музичко образование и се пријавени 66 кандидати).
Според наставниот јазик, на македонски за испитот денеска се пријавени да полагаат 10 886 матуранти, на албански 4134 и на турски наставен јазик 274.
Првиот екстерен испит – мајчин јазик, го полагаа во саботата. Тој беше задолжителен за сите 15 294 кандидати колку што се пријавени за матурата во оваа учебна година (македонски јазик и литература 10 848, албански јазик и литература 4078 и турски јазик и литература 272).
Од вкупно пријавените над 15 000 кандидати, 7050 се од гимназиско образование, 7983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование.
Резултатите од двата екстерни испита ќе бидат објавени на почетокот на јули, односно најдоцна 30 дена од последниот (вториот) екстерен испит.