
Состојбата со големата кашлица во земјава е стабилна. Случаите се следат, и нема место за паника. Ова го изјави министерот за здравство Фатмир Меџити, кој најави дека Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок на кој ќе ја испита состојбата со оваа кашлица, но и зголемувањето на бројот на заболени од респираторни инфекции. Министерот за здравство Фатмир Меџити ги повика граѓаните да ги вакцинираат своите деца.
„Засега освен овие два случаи што беа, трет немаме, утре комисијата ќе каже и ние и комисијата веројатно ќе излеземе со соопштение. Повторно ги повикувам нашите граѓани да ги вакцинираат децата, да го вакцинираме населението, веќе дадовме наредба да се проверат сите вакцинални картони, да ги повикаме граѓаните, да ја смениме оваа свест и да ја заштитиме нашата иднина и нашата држава“, рече Меџити.
Ди-Те-Пер е вакцината која штити од голема кашлица, и кај нас во последните години значително е намален бројот на имунизирани со оваа вакцина. Во јануари се регистрирани два случаи на оваа кашлица во земјава, додека болеста е широко распространета во регионот, особено во Србија, каде што се регистрирани 565 случаи на голема кашлица.
Ајнур Бафќари