Меџити: Играта не е завршена, очекувам да има поголеми движења

Европскиот фронт оди кон распад. Така барем велат експонентите од овој фронт, но и нивните политички противници, бидејќи тврдат дека со потезите што ги презема коалицијата предводена од Али Ахмети се губи причината за функционирањето на мултиетничката политичка група. Првиот вицепремиер Изет Меџити во изјава за весникот Лајм вели дека Ахмети ги предал членовите на фронтот соработувајќи со Арбен Таравари, идеолошкиот и принципиелен противник на Зијадин Села. Според него, тоа ќе има политички последици за европскиот фронт.
„Веќе има изјави дека Европскиот фронт повеќе не постои и тоа го изјави г. Таравари. Однадвор, ги знаат подобро работите отколку тие самите внатре. Правилата тука се прекршени од самиот г. Ахмети со соработка со еден дел од ВРЕДИ, односно со Таравари. Играта не е завршена, играта само што почнала и очекувам да има поголеми движења“, рече Меџити.
Индиции дека може да излезат од фронтот се појавија и од Демократската партија на Турците во Македонија, но нивниот пратеник Бејџан Илиас во телефонски разговор за Алсат вели дека во моментов нема преговори и планови за напуштање на Европскиот фронт. Претходно Мендух Тачи од ДПА и Унијата на Ромите излезе од фронтот со својот кандидат за пратеник Фатма Османовска. ДУИ, Алијансата за Албанците и Зијадин Села, Скендер Реџепи со Народната партија, Арјанит Хоџа со ПДЕ и Сали Мурат со Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија остануваат во Фронтот.
АЛСАТ