Меџити: Законот за бранители е обид за дестабилизација
Меџити: Законот за бранители е обид за дестабилизација
Законот за баранителите е со тенденција да се предизвика дестабилизација во земјата од СДСМ и ДУИ, вели првиот вицепремиер Изет Меџити. Од Вреди велат дека законот нема да биде донесен и дека СДСМ можел да го предложи додека бил на власт..
„Разговараме како партнери во Владата и оваа иницијатива не доаѓа од Владата, туку доаѓа од СДСМ која до вчера се бореше за граѓанскиот концепт. Во нејзините редови има и албански гласачи и членови, има и албански функционери и истиот СДСМ, сега по осум години се сети да предложи закон за бранителите, знаејќи дека не може да се донесе, туку само да се создаде дестабилизација на политичката ситуација. Сакам да заокружам дека овој закон не поминува“ , рече Изет Меџити, прв вицепремиер.
Од СДСМ велат дека законот го поднеле сега затоа што според нив сега се создадени услови. Пратеникот Оливер Спасовски, во интервју за Алсат вели дека очекува владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, освен декларативно, да го поддржат и со гласање во Собранието.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека го поддржува законот за бранители но и дека со предлог-законот на СДСМ се сака да се предизвикаат меѓуетнички тензии.
Предлог-законот, кој е блокиран во собраниска комисија, се соочи со жестоки противења од страна на албанските партии, кои нагласуваат дека не може да има решение за бранителите, без решение за поранешните војници на ОНА.
Со ова законско решение поднесено од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, на листата на финансиски бенефиции за поранешните македонски безбедносни сили и нивните семејства се додава член кој предвидува еднократен финансиски надоместок врз основа на степенот на попреченост до 82.000 евра по лице. Освен за бранителите од 2001 година, законот, исто така, ќе ги обесштети семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили од 1991 до 2024 година.