ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Министерот Шаќири најави контрола во велешката гимназија

Министерот Шаќири најави контрола во велешката гимназија

Шеснаесетте ученици Албанци од Велес и понатаму остануваат надвор од наставниот процес бидејќи сè уште не се примени во гимназијата во втора паралелка со настава на албански. Ова го потврдија и родителите кои исто како и вчера, остануваат на барањето нивните деца да бидат примени во оваа гимназија како што вети Министерството за образование.

„Зошто да не ги прифатат? Ова е дискриминација, не сакаат тука да има две албански паралелки, не дека не ги имаат бодовите. Министерството за образование мора да преземе мерки. Што можеме ние родителите да направиме, мора албанските партии.“

Додека децата стојат во училишниот двор, директорот на гимназијата „Кочо Рацин“ Илија Попов не одговара на телефонските повици на Алсат за да ни каже што ќе се прави со преостанатите 16 ученици. Министерот за образование Јетон Шаќири повтори дека учениците со над 50 бода мора да бидат примени, но и оти ќе функционира и втора паралелка на албански јазик. Шаќири не ја исклучува можноста да има инспекциски надзор во ова училиште за да се види колку деца има и со колку бодови биле примани учениците со настава на македонски јазик.

„Доколку се случи да нема поделба врз основа на конкурсот, тогаш ќе анализирам и децата кои се пријавени во класовите на македонски јазик и таму ќе има допис да ја почитуваат законската одредба која е во Законот за средно образование дека минималниот број треба да биде 20 и организирањето на училницата ќе се базира на анализите на министерството. Не сакам да најавувам дека од четири ќе станат три класа, но можеби и така ќе биде. Не може за едно да се гледа на еден начин, а за албанскиот јазик на друг начин“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование.

Од Просветниот инспекторат велат дека чекаат раководството на гимназијата „Кочо Рацин“ да поднесе ново барање до Инспекторатот за да може да се примаат ученици Албанци и со помалку од 60 бодови.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button