
Вработувањата во јавниот сектор од 1 јануари ќе се вршат со нова постапка. Доколку идната недела тоа помине во Собранието со Законот за буџет, на институциите веќе нема да им треба потпис од министерот за финансии за да реализираат некое вработување. Секој буџетски корисник ќе треба да направи годишен план за вработување. Тој план ќе треба да го одобри надлежна институција, на пример министерство, општински совет, а владата ќе одлучува за државно претпријатие кое работи со загуба. Од Министерството за финансии најавија дека од следната година повеќе нема да се бара согласност за плати, туку процедурите ќе се децентрализираат. Министерот Фатмир Бесими вели дека нема да има повеќе интервенции при вработувања.
„Имаме директори и министри кај кои одат пријатели или други од партијата и им кажуваат дека сакаат да вработат некого затоа што им бил многу важен. Тие им ветуваат дека во моментов немаат можност, но оти ќе се обратат до Министерството за финансии. Ние потоа бараме од нив табели колку буџет предвиделе за тие вработувања. Таму се даваат изјави под целосна морална и кривична одговорност дека податоците се точни, но самите предлагачи покажуваат дека немаат буџет, туку се обраќаат кај нас, очекувајќи да им го решиме проблемот. Врз основа на тие податоци им пишуваме дека немаме буџетски средства, па се правдаат дека Министерството за финансии не дава согласност. Имаше случаи кога ми се јавуваа по телефон и ми велеа дека од 10 согласности колку што побарале, само две биле важни“, рече Бесими.
Секој министер и директор на државна институција и јавно претпријатие ќе треба да потпише изјава до Агенцијата за вработување дека се обезбедени пари за определените работни места во текот на годината. Изјавата ќе биде основа за полесно откривање на одговорност во случај на злоупотреба на службената должност. Со оваа реформа за вработување во јавниот сектор се очекува да се реши прашањето на 993 здравствени работници со договор на дело и 611 приватни специјалисти. За ова, Бесими изјави дека имал средба со Министерството за здравство и Фондот за здравство.
„Политика на Владата е да ги пополни кадрите кои се пензионираат во јавното здравство и нема да можеме да отвориме нови работни места. Во моментов, од 993 со склучен договор, само половина од здравствените работници ќе можат да добијат решение, поточно 502-ца на ниво на држава. Од приватните специјалисти се очекува да ни дадат извештај колку специјалисти им се потребни на регионалните здравствени установи, од близу 100 колку што дипломираат годинава, максимумот што можеме да го ангажираме ќе биде половина од нив“, додава Бесими.
Но, оваа децентрализација може да им даде одврзани раце на самите институции да вработуваат колку лица сакаат во јавната администрација, потенцијално за партиски вработувања. Бидејќи сме блиску до двојни избори, колку што дозволува законот пред кампањата, голем број државни институции, од министерства до јавни претпријатија, распишаа конкурси за вработување. Според информациите од Агенцијата за администрација, само минатиот месец биле објавени над 80 огласи. Новите огласи се случуваат два месеци пред формирањето на техничката влада, која треба да ги организира претседателските и парламентарните избори во мај следната година.
Аднан Ќаили