ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Мицкоски не слушнал доволно аргументи од Германците за да се премисли за Уставот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека се соочува со притисоци за уставните измени. Според него, ВМРО-ДПМНЕ сега е консолидирана партија, за разлика од периодот на Преспанскиот договор и нема да потпадне на притисоци. Тој ваквиот одговор го даде прашан за евентуалниот дипломатски притисок за поддршка на промената на Уставот и додаде дека изминатиов период постоеле голем број средби за кои јавноста не е информирана.

„Притисоците ќе продолжат. Ако мислите дека ќе се откажат, нема да се откажат, зашто овие од Владата бараат да се прават притисоци. Нема проблем. Јас немам проблем да ги истрпам тие притисоци. Тие притисоци ги има и ќе продолжат. Дали се жестоки? Да, жестоки се“, рече Мицкоски.

Последно, вчера од Скопје германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок порача прашањето за уставните измени да не биде тема за дневна политика и да не се користи за партиско-политички цели. Бербок изрази оптимизам дека уставните измени ќе бидат усвоени до декември годинава. Сепак, Мицкоски вели дека шефицата на германската дипломатија на вчерашната средба не успеала да го разубеди.

„Јас ги кажав нашите позиции, нашите аргументи… Од другата страна детали нема да зборувам, бидејќи не е пристојно. Сепак, претпоставувам другата страна ќе ги каже деталите што тие говореа, но не слушнав доволен број на аргументи со коишто би ме убедиле да го променам својот став, односно да ги совладаат моите аргументи“, рече Мицкоски.

Претходно во земјава во посета беа и високите претставници на ЕУ, Жозеп Борел и Оливер Вархеји. Двајцата порачаа дека е неопходно да се создаде двотретинско мнозинство за да продолжи преговарачкиот процес на земјава. Според Борел, нереално е да се размислува дека може да се променат веќе постигнатите договори и преговарачката рамка, како што очекува Мицкоски. Но, лидерот на опозицијата и денеска повтори дека уставни измени во овој парламентарен состав под бугарски диктат нема да има.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button