МНР на мака, ако Лавров дојде, Кулеба нема да дојде

Засега останува неизвесно доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ иднава недела во Скопје. На денешниот брофинг со новинарите, министерот Бујар Османи соопшти дека неговото и Министерството за одбрана сè уште не одлучиле дали ќе дозволат руски државен авион да влезе во воздушниот простор на Македонија, како што вчера ги овласти Владата. За дозволата да има смисла, со тоа треба да се сложат и Бугарија или Грција.
„Се преговара со Бугарија и Грција. Ако ние донесеме одлука, не гледам зошто да не прифатат, зошто одлуката на ЕУ е јасна, вели: Со исклучок на настани поврзани со ОБСЕ, други меѓународни организации, бидејќи Лавров беше во Њујорк, но во Обединетите нации, а не во САД. И тука не доаѓа во Скопје, ако дојде, доаѓа во ОБСЕ“, рече Османи.
Дополнителен проблем околу доаѓањето ан Лавров доаѓа од Украина од каде најавиле дека нивниот шеф на дипломатијата Димитро Кулеба соопштил дека нема да дојде во Скопје, ако се појави Лавров. Но, работата е барем чиста со американскиот државен секретар Ентони Блинкен. За него е потврдено дека ќе дојде, но само на неформалната вечера на министрите на ОБСЕ која ќе се одржи в среда.
Инаку, во однос на темите на Самитот ќе доминира проблемот со избор на нова држава-претседавач откако на Македонија на крајот на годинава ќе и заврши мандатот. Поради бликадите на Русија во организацијата сè уште државите-членки не можат да се договорат за нов претседавач. Во игра е Малта, но и опцијата и догодина да продолжи мандатот на Македонија. Османи вели дека одлука за сето ова се очекува задутре.
Други теми ќе бидат војната во Украина, климатските промени, младите и граѓанското општество.
Во однос пак, на ракциите во јавноста во земјава дека МНР планира да потроши скоро еден милион евра за изнајмување на лимузини за делегациите, Османи рече дека не значи дека сите планирани пари ќе бидат потрошени.
Во овој дел на логистиката, МНР побарал возила и од градоначалниците. Позитивно одговорил само Рамиз Мерко од Струга. Бил спремен привремено да отстапи четири општински возила за чие купување институците дури отворија и предистрага.
Авни Тахири