ЗАБАВАМЕТРОПОЛ

„Момóма“ – Албумот со кој „Фолтин“ го искачува музичкиот Олимп

Иако не е популарно да се рецензира албум кој не е последен, по „Момóма“ бендот објави уште две изданија, сепак, станува збор за парче музика кое остави голема трага и се слуша и до денеска...

Многу чувства и емоции, внатрешни превирања кои излегуваат на површина, разочарување од надворешните општествени и политички случувања и трагање по вечната љубов, се првите неколку елементи кои веднаш се препознатливи албумот на „Фолтин“ од 2019 година, под назив „Момóма“.

Advertisements

„Момóма“ е осмиот студиски албум, кој содржи шест стандардни, но сепак нешто поразлични нумери, од она на што не беше навикнал битолскиот состав.

Покрај членовите на „Фолтин“, за магијата на овој албум да биде уште покомплетна, помогнаа и Петар Димитровски – клавијатури, Владан Дробицки – тромбон и Васко Бојаџиски – саксофон.

Албумот доби епитет “најзрел“, кога своевремено беше промовиран, а по слушањето на песните тој факт добива само уште една своевидна конфирмација.

Албумот е пред сѐ бескрајно љубовен, нежен, многу мек, а истовремено толку цврст и зрел што звуците кои ги слушате едноставно ве опиваат, а вие сте препуштени да уживате и да посакате само едно нешто – никогаш да не заврши!

„Момóма“ е на едно повисоко ниво од сѐ друго, една различна димензија на испреплетени чувства и емоционална слобода, глатки експериментални звуци со примеси на џез, кои се одмор за душа.

Од „Ми се води љубов“, преку мојот фаворит „Чекор“, па сѐ до „Ти верувам“, јасно ќе ја почувствувате и доживеете музичката експерименталност, која со генијалноста на клавијатурата, саксофонот и тромбонот, многу лесно ќе ве доведе до едно длабоко чувство на екстаза.

Различен од сѐ досега, а сепак претпознатливо „Фолтински“, е албумот чии текстови се повторно со многу примеси од книжевноста, филмовите, а пред сѐ најмногу од духовната и психолошката состојба на членовите на бендот.

Речиси секој врвен бенд доаѓа до момент кога ја доживува својата најголема зрелост, кога се подготвени да го достигнат врвот и да го прикажат најдоброто што го можат, а мислам дека токму ова сега им се случува на „Фолтин“.

Со  „Момóма“, „Фолтин“ го искачува музичкиот Олимп по кој тежнеат најголемите уметници.

Покажувајќи ни дека не се само уште еден бенд, туку дека се единствени во она што го работат, а сите длабоки чувства и емоции се вложени токму во овој труд, „Момóма“ кој е финален производ и подарок за сите кои можеме да уживаме во него.

Албумот изобилува и со една цврстина и интелигенција, во која го препознаваме и влијанието на легендарниот Дејвид Боуви, преку музичка маестралност која нѐ навраќа наназад во музиката, но и за резултат ни дава еден оригинален и многу посебен концептуален албум, на кој треба да му се радуваме.

Ремек дело, вистински празник за уши и една музичка авантура која не се пропушта – гласи последното резиме за „Момóма“.

Извор: Музичко Ехо

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button