ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Москва протера македонски дипломат

Русија протера аташе од мисијата на Македонија во Москва неколку недели откако официјално Скопје протера член на дипломатската мисија на Русија во земјава. Информацијата ја потврди Министерството за надворешни работи.

„Вршителот на должност амбасадор на Република Северна Македонија во Москва, Оливера Чаушевска – Димовска е повикана во руското Министерство за надворешни работи, каде што ѝ беше врачена нота со која нашиот дипломат, аташе во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата“, наведоа од МНР.

Министерството за надворешни работи и министерот Бујар Османи изразуваат жалење за оваа неоснована постапка од руска страна, за која велат дека е политичка одлука заснована само на политички реваншизам и што негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји.

Пред неколку недели Министерството за надворешни работи го протера членот на руската мисија во земјата со образложение дека неговите постапки не се во согласност со однесувањето што се очекува од странски дипломат. Конкретните причини институциите никогаш не ги наведоа. Русија го осуди таквиот потег, за кој рекоа дека може да влијае на односите меѓу двете земји.

Иако не е официјално потврдено, се шпекулира дека протерувањето на рускиот дипломат од Скопје е причината што земјата сè уште не ги добила 200.000 вакцини Спутник В нарачани од Русија.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button