ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

МВР сѐ уште не успева да го пронајде сторителот на синоќешниот грабеж на аптека во Чаир

Полицијата трага по сторителот кој синоќа ограби аптека во Скопје, каде нејзиниот сопственик почина како последица од срцев удар што го доживеа веднаш по пристигнувањето во објектот каде што се случи грабежот. Од Министерството за внатрешни работи велат дека постапуваат според законот, но не соопштуваат детали за сторителот на овој сериозен настан.

„Веднаш по пријавување на случајот, на местото на настанот се преземени сите мерки и дејствија согласно законот. Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, се преземаат понатамошни мерки за целосно расветлување на случајот“, наведоа од МВР.

Аптеката синоќа беше нападната од разбојник, кој успеа да ги земе парите од вработената. Откако за ова бил информиран сопственикот, тој веднаш пристигнал на местото на настанот. Но, неколку минути подоцна неговата здравствена состојба се влошила и тој починал.

Граѓаните анкетирани од Алсат се револтирани од овој сериозен чин, но и стравуваат за нивната безбедност затоа што, како што велат, не е првпат да се случуваат убиства и други инциденти каде страдаат невини луѓе, а сторителите остануваат неоткриени.

„Многу е тешко да тука да си безбеден. И порано немаше никаква безбедност, нема ни сега, а не ни очекуваме да биде безбедно… Ова е најголема стимулација за крадците, не се откриваат. Некои намерно не се откриваат“, вели еден граѓанин.

„Не, не, не очекувам ништо да се разјасни овде. Во оваа земја, тешко е да се направи нешто“, додаваат граѓаните.

Оваа година, во регионот на Чаир имаше повеќе грабежи и убиства, како она на двајцата млади во Топанско Поле и убиството на млад човек, пред еден месец на патот кон општина Шуто Оризари. Сепак, досега ниту еден случај не е откриен. Од МВР, како и обично, само велат дека работат на откривање на сторителите.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button