ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

МВР сè уште без одговор за техничкиот центар каде поминал автобусот на БЕСА-ТРАНС

Привремената забрана за работа на „ВИА Комерц“ лично ја потпиша министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на 26 ноември 2021 година, на само три дена по трагедијата со автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија во која загинаа 45 лица, а седум беа повредени. Сепак, пропустите за работењето на овој технички центар биле утврдени уште од август од овластени лица на МВР. Тогаш се утврдило дека техничкиот центар нема Регистар за извршени технички прегледи, ниту регистар за издадени потврди за извршени преглед на техничка исправност на возила. Покрај ова, во „ВИА Комерц“ работеле и нестручни лица.

Па така, ученик од средното училиште АСУЦ „Боро Петрушевски“ бил ангажиран за практикант кој учествувал во вршењето на техничка исправност на возила. Управителот на фирмата ги управувал возилата додека се проверувала нивната исправност. Од МВР нема одговор зошто се чекало од август дури до ноември за министерот Спасовски да потпише Решение за привремената забрана за работа на техничкиот центар. И додека документите со неправилностите за работењето на техничкиот центар биле во фиока во МВР, на 5 октомври сега изгорениот автобус на „Беса Транс“ бил на технички преглед во „ВИА Комерц“. Газдата на фирмата, Џемаљ Нуиши во телефонски разговор за Алсат тврди дека тогаш сè било во ред со автобусот.

„Решението за привремена забрана за вршење на технички преглед нема никаква врска со автобусот на „Беса Транс“. Решението ние го почитуваме и моментално не работиме…“, вели Џемаљ Нуиши, Сопственик на „Виа Комерц“.

И додека техничиот центар „ВИА Комерц“ работи на надминување на недостатоците, „Беса Трас“ од вчера е без туристичка и без транспортна лиценца за работа. Министерството за транспорт и врски денеска привремено на шест месеци ја одзеде лиценцата превоз на патници на уште една транспортна фирма, „Бога Транс“. Иако превозникот има важечки лиценци, возач вработен во „Бога Транс“ немал валиден сертификат за меѓународен сообраќај. Ова било утврдено на патарина на 19 декември, кога автобусот на „Бога Транс“ од Скопје се движел кон Истанбул.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button