На членовите на Судскиот совет останува дали ќе поднесат оставки по изгласаните интерпелации

Еден ден по изгласаните интерпелации во Собранието ниту еден од петмината членови на судски совет избрани токму од законодавниот дом не изрази волја дека ќе си поднесе оставка. Доколку тоа не се случи ниту во наредниот период, ќе значи дека некои од нив ќе останат во Советот уште најмалку четири месеци, додека други уште речиси три години.
Краен датум за истек на мандат на петмината членови на судски совет:
Миљазим Мустафа – 9.07.2025
Весна Дамева – 12.12.2025
Селим Адеми – 12.12.2025
Павлина Црвенковска – 16.12.2020
Тања Чачарова Илиевска 16.12.2027
Во заклучокот пак за изгласаните интерпелации против нив од страна на пратениците, стои дека тие во иднина го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на советот. Во заклучокот стои и дека ниту еден од петмината членови не ги извршувал своите обврски кои ги имал како член на советот.
Заклучок на Собранието по изгласаните интерпелации:
Собранието констатира дека членовите избрани од Собранието имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и судиите и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството. Членовите ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на советот.
Согласно законот, останува на членовите дали тие самите ќе си поднесат оставки или и покрај изгласаната недоверба ќе продолжат со работа. Во писмените одговори за интерпелациите , сите петмина членови се противеа и сметаа дека незаконски се бара тие да се повлечат. Во наредниот период сепак останува да се види дали по изгласаната недоверба некој од нив ќе го промени ставот и ќе си поднесе оставка пред истекот на мандатот.
Михајло Донев