На Камчев му спремаат други судења за „Империја“

Орце Камчев сепак нема да куртули од евентуална судска постапка против него во случајот „Империја“, дознава Алсат од обвинителски извори. Тој се спогоди само за едно од петте кривични дела за кои се товари, односно за злоупотреба на функцијата и тоа за периодот до 2009 година. Истрагата која СЈО ја отвори во ноември 2018 година тогаш соопшти за сторени уште четири кривични дела – „Злосторничко здружување“, „Оштетување или повластување на доверители“, „Измама“ и „Перење пари“, дела кои наводно се правеле пред и по 2009 година. Актуелно истрагата е проширена, но нејасно е кои точно кривични дела му се ставаат на товар на Камчев. Извори од Обвинителството за Алсат брифираат дека на Камчев деновиве ќе му бидат презентирани доказите за другите кривични дела за кои тој не се спогодил.
Од обвинителството за Алсат потврдуваат дека продолжуваа постапката против Камчев во „Империја“ за делата кои не се спогоди.
„Во моментов течат роковите во кои согласно закон обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и предлагање на докази. По истекот на овие рокови предметниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука дали ќе биде поднесено обвинение, против колку лица и за кои кривични дела“, велат од Обвинителството.
Иста е процедурата и за бизнис-партнерот на Камчев, Ненад Јосифовиќ кој се спогоди за делото „Перење пари“. Случајот „Империја“ е пред обвинение. Ова недодмна го потврди обвинителката Лиле Стефанова која работи на истрагата. Обвинителството веќе до сите осомнчени испратило известување за завршена истрага, а во зависност од приемот на тој документ, осомниченото лице има рок од 15 дена да достави свои докази. По истекот на овој рок Обвинителството ќе одлучи дали да бара судење за случајот.
Алсат контактираше и со дел од адвокатскиот тим на Камчев, но нема коментар за евентуално сторените други дела, освен она за кое тој се спогоди. Тоа Камчев го направи за кривичното дело злоупотреба на функцијата и прифати една година казна затвор, а на државата преку фирмата „Кара“ ѝ плати 5 милиони евра.
Игор Стефановски