
На почетокот на следната недела во земјава ќе бидат објавени нови бројки за инфлацијата. Од Министерството за економија велат дека за месец јули ќе има уште едно намалување. Според податоците на Агенцијата за статистика, индексот на трошоците за живот во јуни 2023 година, во однос на јуни 2022 година, бележи пораст од 9,3%, а индексот на цените на мало бележи пораст од 5,7%. Сепак, министерот Крешник Бектеши рече дека на едноцифрената инфлација ќе и претходат и евентуалните нови мерки што ќе може да се спроведат наесен.
„Министерството за економија со други институции, стопанските комори и организации на потрошувачи ги осмислува новите мерки, кои доколку има потреба ќе се спроведат од септември или почетокот на октомври. Во моментов се работи на тие мерки, се даваат предлози од сите инволвирани страни, кога ќе има конкретни точки, економскиот ресор ќе ја информира владата, и граѓаните“, вели Бектеши.
Сепак, економските експерти велат дека тоа не е достигнување на владините мерки, туку на стабилизирање на светските берзи. Професорот Абил Бауш рече дека не за пофалба доколку инфлацијата е едноцифрена, бидејќи домашната економија и граѓаните се уште ги трпат последиците.
„И од прогнозите забележавме дека во третиот квартал се очекува инфлацијата да стане едноцифрена, имаме омекнување на инфлацијата, но тоа не е само од мерките што ги презема Владата. Дури и Централната банка неколкупати интервенираше во монетарната политика со тоа што ја зголеми референтната каматна цена на кредитите. Дури и цената на нафтените деривати и струјата на светската берза предизвика да имаме намалување на инфлацијата, но тоа значи дека се уште сме во фаза на закрепнување на економијата. Не можеме да кажеме дека ја опоравивме економијата“, вели проф. Бауш.
Во споредба со земјите од регионот, Македонија е претпоследна по стапка на инфлација, по нас со повисока инфлација е само Србија. Додека Албанија, Косово и Црна Гора имаат пониска стапка на инфлација.
Аднан Ќаили