СВЕТ

Најмалку 50 повредени во инцидент во авион

Педесетина лица се повредени откако во авион на „Латам ерлајнс“ (LATAM Airlines), кој летал од Сиднеј до Оукленд, се случил технички проблем кој предизвикал нагло спуштање на авионот.

При пристигнувањето во Оукленд, околу 50 луѓе биле прегледани од 14 единици на Итната медицинска служба и им била укажана помош. Едно од лицата било во тешка состојба, а другите биле со умерени или полесни повреди. Од Итната медицинска помош велат дека 12 пациенти биле испратени на лекување во болница.

„Авионот, кој сообраќаше на линијата Сиднеј – Оукленд, денес имаше технички проблем за време на летот што предизвика силни движења“, се вели во соопштението, во кое се додава дека авионот слетал според планираното во Оукленд.

Во соопштението не е наведено за каков технички проблем станува збор.

Си-ен-ен пренесува изјави од патници кои велат дека кога дошло до проблемот и кога авионот почнал нагло да се спушта луѓето летале низ кабината бидејќи повеќето од нив не ги имале ставено појасите.

„Латам ерлајнс“ е водечки авиопревозник на Чиле и редовно застанува во Оукленд на пат до Сантијаго.

Компанијата има редовни линии меѓу Сиднеј, Оукленд и главните центри во Јужна Америка.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button