ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Владата го распушти Советот на општина Тетово

Владата со пречекорување на рокот, одлучи да го распушти општинскиот совет во Тетово. Ваквата одлука доаѓа по барањето од Локалната самоуправа, откако во Советот не беше одобрена завршната сметка до 31 март како што е предвидено со Законот за локална самоуправа. Според Законот, Владата требаше да ја донесе ваквата одлука најдоцна до 6 јуни. Денот за нови избори на општинскиот совет сега треба да го одреди првиот човек на Собранието. Градоначалникот на Тетово, Билал Касами вели дека изборите треба да се закажат што поскоро, за да не заостануваат проектите за тетовци.

„Првично оценувам дека е доцна, но луѓето велат дека е подобро доцна отколку никогаш, бидејќи долго време, односно повеќе од еден месец, Советот на општината и општината се заглавени во ситуацијата во која се наоѓаме. Оценуваме дека изборите треба да бидат што поскоро за општина Тетово да биде функционална со сите нејзини органи и институции, овде, со оглед на тежината на советот во локалната власт, оценуваме дека изборите треба да се одржат што поскоро во рамките на законот, за да имаме совет кој ќе биде во служба на политиките кои ќе бидат во интерес на граѓаните на општина Тетово“, рече Касами.

Касами додава дека се уште е рано да се размислува за предизборни советнички коалиции како можност за обезбедување стабилно мнозинство.

„Првично, мора да ја имаме формалната одлука на Владата за распуштање на советот и одлуката на претседателот на Собранието за распишување избори и во согласност со тоа, ќе се воспостави динамиката на разговори со политичките субјекти и актери и другите релевантни фактори на Тетово за евентуална соработка пред избори, но и политиките што мора да им ги понудиме на граѓаните на Тетово“, додава Касами.

Според Изборниот законик, изборите за членови на совет од денот на именувањето до денот на одржување не можат да траат повеќе од 70-90 дена. Предвремените општински избори не смеат да се одржат доколку следните локални избори се поблиску од шест месеци.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button