
Парите од програмата на Владата за инвестиции во зелениот развој ќе се пренаменат во енергетиката. Наместо инвестиции во обновливи извори на енергија и реализација на други проекти, Владата одлучи 10 милиони евра да пренамени за побрз излез од енергетската криза. Во текот на оваа недела ќе биде дефинирано како овие пари ќе бидат потрошени, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.
„Програмата којашто вчера беше донесена и одлуката за 10 милиони одат во сегментот енергетика. За жал не можеме во овој момент да ја занемариме кризата и да кажеме – да ама сега треба да ги чистиме реките зошто тоа е важно – јас се согласувам дека важно, ама не можеме тие средства да не ги однесеме ако 45 илјади семејства останат без греење или 700 илјади домаќинства останат под закана без електрична енергија“, рече Битиќи.
Програмата „Зелен развој“, Владата ја вметна во буџетот претходната година, иако никогаш не прецизираше што детално содржи оваа програма, односно за какви конкретно проекти ќе се трошеа парите.
Андреа Чобанова