ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Наредната недела ќе заседава етичката комисија за снимката на Џафери

Наредната недела најверојатно ќе заседава Комисијата за деловнички прашања, на која треба да се разгледува снимката со вулгарниот речник на претседателот на Собранието Талат Џафери, и да се утврди евентуалното прекршување на пратеничкиот Етички кодекс. Претседателот на оваа Комисија, пратеникот Панчо Минов, за Алсат вели дека писменото барање на ВМРО-ДПМНЕ за свикување на седницата, како и приложените докази, се во собраниска процедура и во најкус можен рок тој ќе ја закажал седницата.

Токму поради најавата за ваква седница, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски рече дека нема да ја коментира снимката на која се слуша гласот на Џафери. Мисовски за случајот кажа дека е политичка пресметка, не штедејќи пофални зборови за првиот човек на законодавниот дом.

„Талат Џафери е еден од најдобрите претседатели, коишто досега ги имало ова Собрание од независноста на Република Северна Македонија. Знам дека секогаш имал одлична релација со службениците“, рече Горан Мисовски – потпретседател на Собранието.

Џафери од денеска е вратен во земјава, по работната посета на Германија, а од објавувањето на снимката се уште се нема појавено пред медиумите. Ниту тој, ниту неговиот Кабинет досега не го коментираа записот, ниту автентичноста на снимката.

„Претседателот Џафери сега за следната недела најавува дека ќе има брифинг со медиумите, така што можете слободно да го прашате за се што ве интересира“, додава Мисовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно истакнаа дека Џафери сторил тешка повреда на Етичкиот кодекс, навредувајќи и заканувајќи им се вработените во собраниските служби. Од партијата велат, дека четворица нивни пратеници биле сведоци на случката. Од СДСМ рекоа дека немаат коментар, додека не се утврди автентичноста на снимката. Со сличен одговор настапи и ДУИ. Партискиот функционер Висар Ганиу рече дека ќе почека за коментар, за да се чуе и втората страна.

Доколку во собраниската Комисија се утврди дека Џафери го прекршил Етичкиот кодекс, тој може да се соочи со јавна опомена, суспензија од учество во работно тело или пак еден месец забрана за претседавање со работно тело.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button