Научниците открија зошто лилјаците не зaболуваат од рак

Мали цицачи, тешки помалку од 30 грама, не би требало да живеат подолго од германски овчари, но многу лилјаци доживуваат речиси триесет и пет години во дивината, што би било околу 180 човечки години, и тоа без појава на тумори.
Тим од Универзитетот во Рочестер се зафатил со истражување зошто е тоа така, насочувајќи се кон четири вида лилјаци кои ги претставуваат двете главни еволутивни линии на овие животни.
Нивните откритија упатуваат на прецизно усогласена соработка помеѓу генот за сузбивање на тумори, саморегенерирачките хромозоми и имунолошкиот систем кој е моќен, но не претерано реактивен.
Истражувањето го воделе Вера Горбунова и Андреј Селуанов од Институтот за канцер „Вилмот“ и Одделот за биологија.
Лилјаците ги нарушуваат правилата за стареење и рак
Ризикот од рак обично расте со возраста бидејќи секоја поделба на клетките носи можност за оштетување на ДНК, појава позната како парадокс Пето.
Кај повеќето цицачи ова правило важи, но лилјаците се исклучок. Барем ова важи за четири различни вида лилјаци кои самостојно развиле екстремна долговечност.
Новото истражување покажува дека малиот кафеав лилјак (Myotis lucifugus) поседува две активни копии од клучниот ген за сузбивање на тумори наречен п53, додека луѓето имаат само една активна копија.
– Високите нивоа на п53 можат да ги уништат клетките кои почнуваат да стануваат канцерогени преку процесот на апоптоза (процес на програмирана клеточна смрт која се случува кај многуклеточните организми) – објаснува Горбунова.
Иако тежат помалку од 15 грама, овие лилјаци се вистински уништувачи на инсекти. Тие, во една ноќ можат да изедат стотици комарци и други инсекти, што ги прави природни борци против штетници.
Зимата ја поминуваат во хибернација, собирајќи се во големи колонии на места со стабилна температура. За жал, нивната популација е драматично намалена поради габична болест позната како „синдром на бел нос“, која опустошила многу колонии низ континентот.
Научниците и еколозите вложуваат напори за нивна заштита бидејќи губењето на овие лилјаци би имало сериозни последици врз екосистемите.
Дополнителен п53 како природна одбрана од рак
Дуплирањето на п53 не е исклучиво за лилјаците. На пример, слоновите имаат околу дваесет варијанти од истиот ген и имаат ниска стапка на рак. Лилјаците успеваат да го урамнотежат п53 со прецизни регулации, така што ги уништуваат претканцерогените клетки без да ги оштетат здравите.
Истражувањето покажало дека на клетките кај лилјаците им се потребни само две генетски „грешки“ за да станат канцерогени во лабораториски услови, далеку помалку отколку кај луѓето, но засиленото п53 веднаш наредува тие клетки да се самоуништат.
– Ако клетките се размножуваат неконтролирано, зголемената активност на п53 кај лилјаците го компензира тоа и ги отстранува канцерогените клетки – додава Селуанов.
Како лилјаците се борат против болести?
Третата линија на одбрана кај лилјаците е нивниот имунолошки систем, кој брзо открива опасности, но останува неверојатно смирен.
Тие го потиснуваат системот „NLRP3“ и го намалуваат одговорот на интерфероните од тип I, со што се спречува хронично воспаление, чест причинител на рак.
Оваа рамнотежа овозможува вирусите да се елиминираат ефикасно, оштетените клетки да бидат обележани за уништување, а околното здраво ткиво да остане незасегнато.
Што можеме да научиме од лилјаците во борбата против ракот?
Неколку експериментални лекови веќе имаат цел да ја зголемат активноста на п53 кај упорни тумори, а резултатите од лилјаците ѝ даваат на оваа стратегија еволутивна потврда.
Извор: Earth.com