ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Не е перцепција, туку статистика! Тасева контра Николовски за корупцијата

Индексот на корупција во земјава и најлошото 111 – то место, не е перцепција, туку статистика, вели претседателката на „Транспаренси Интернешанел Македонија“, Слаѓана Тасева. Нејзината реакција следува откако вицепремиерот за корупција, Љупчо Николовски, вчера рече дека не пораснал степенот на корупција, туку таква била само перцепцијата на граѓаните. Вината за лошите резултати во борбата против корупцијата тој ја лоцира кај 11 годишното владењее на ВМРО – ДПМНЕ. Но, Тасева, чија организација го објави извештајот, вели дека документот бил подготвуван во 2019 – та и 2020 – та година.

„Се работи за истражување кое не е перцепција на граѓаните, туку се анализираат податоци од статистика, се анализираат случаи се прават анкети со луѓе коишто имаат контакт директно со таа држава којашто е опфатена со индексот за перцепција на корупцијата“, рече Слаѓана Тасева, „Транспаренси Интернешенл“.

Професор д – р Илија Ацевски, кој и самиот пишувал книги за корупција на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, појаснува дека во земјава со години има култ кон негување на корупцијата која станува системски проблем.

„Кога имате некој што е на висока позиција и не почитува закони, што останува за оној човек што живее од својот труд? Тоа е таа состојба која би рекол болна и којашто го храни тој арсенал, тоа коруптивно однесување и кај оној што никогаш не помислил да го прави тоа“, вели проф. Ацевски.

По објавата на конечната листа на „Транспаренси Интернешнл“ и неславното 111 – то место заедно со Панама, Монголија и Босна се огласи и Антикорупциска. Извештајот покажал дека стагнираме во борбата против корупцијата, а загрижувал фактот што години наназад заложбите за борба против корупцијата се само декларативни. Антикорупциска нотира дека влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба, непотизмот и клиентелизмот се сè уште широко распространети.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button