ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Не почна судењето за убиството на малолетното девојче Вања

Првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, денеска не беше спроведен во Кривичниот суд Скопје додека тројцата соизвршители на делото и таткото на Вања Ѓорчевска денеска за првпат седнаа на обвинителната клупа.

Судењето не започна, туку на присутните осомничени и нивните бранители судијата Ивица Стефановски им соопшти дека првото рочиште се презакажува за 20 септември. Стефановски рече дека Судечкиот совет не бил во можност да го обезбеди присуството на Палевски, бидејќи обвинението против него било одобрено непосредно пред денешната расправа и поради тоа не биле исполнети законските услови  тој да биде повикан. Во текот на денешното рочиште кое траеше само неколку минути, Стефановски само кусо соопшти дека го прифаќа барањето на обвинителството да се спојат обвиненијата за Палчо и другите осомничени.

– Судот оцени дека барањето на Обвинителството за спојување на двете постапки е основано и дека се исполнети законските одредби бидејќи станува збор за исти кривично правни настани за да се спроведе единствена постапка. Согласно член 28 став 8 за оваа одлука не е дозволена правосилна жалба, рече Стефановски.

Покрај Палевски кој е  првоосомничен за грабнување и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, како соизвршители на делото осомничени се и Влатко Кешишов од Штип, како и Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, додека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, според обвинителниот акт, се товари дека на групата и кажал во колку часот девојчето само ќе излезе од дома за тие да го организираат грабнувањето.

Панче Жежовски беше пријавен за исчезнат на 24 ноември лани, а малолетната Вања на 27 истиот месец. Беа пронајдени мртви по шест дена интензивна потрага во близина на Скопје и Велес.  Мотивот за нивното грабнување и убиство според обвинителството е барање откуп. За делата грабнување и убиство на Ѓорчевска и Жежовски, според одредбите од Кривичниот законик, на Палевски му е предвидена казна од 10 години до доживотен затвор.

Михаило Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button